vimarsana.com


Нова Македонија
(хипотези за јанѕа и несоница)
Да беше. Да беа. Сега, во ова невреме што нè навасало, драг читателу, не ни останува ништо друго освен да се занимаваме во јанѕа и несоница со овие утопистички хипотези, како некој вид илузионистичка стварност. Доволен е овој краток вовед за влез во темата, колку лековита толку и трауматична истовремено, затоа преминуваме на нашите психолошки и онтолошки неопходни хипотези. Фројд би рекол желби. Со таа разлика што нивното либидо во нашиот пример е трансцедентално и апсолутно утопистичко.
Но почнуваме со нив. Првин со Гоце Делчeв, иако ти очекуваш, драг читателу, по хронолошки ред да тргнеме со Александар Македонски, кого тој од Муртино им го врачи во Преспа во прегратка на Грците. Но сеедно, бидејќи Гоце не е ни за педа помал јунак и космополит од него. Да. А да беше сега жив, тој ќе отидеше, наместо лигавите полтрони на оваа влада, директно кај Вавилонската ороспија во Брисел, која во Лисабон со онаа нејзина нацифашистичка декларација (1922) за ништење на Името ја спушти рампата за влез на Мaкедонците во струјата на цивилизацијата, ќе удреше на маса и ќе ги прашаше со глас на грмеж европските политидиоти зошто му се помочаа на велелепниот проект на Иго и Бакунин со име Обединета Европа. Тие кои, како и него, го замислуваа светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“, а не како поле за материјален профит и колонизација на сиромашните, од која уште од откривањето на Колумбо на Америка и на Магелан на Индија до денес не се откажаа, ништејќи сурово на почетокот за своја материјална бенефиција и цели цивилизации: Маи, Инки, Ацтеки.
Ќе ги прашаше Гоце тие бедни политбриселски суштества и дали, ако не се запознаени со Светиот Дух, чуле макар за светскиот историски дух на нивниот Хегел и за космополитизмот на Гете, макар тој бил во основа првично литерарен, како визија за блискиот настап на времето на светската литература. Како што го запиша тоа во своите разговори со него Екерман. Тоа. А потоа, пред да се врати повторно во смртта од која излегол, ќе прошета вдолж и вшир од Кукуш до Малешевијата и Пирин низ жална Македонија. Ќе сврати може и во Негрево, каде што го чекам во несоница на прагот од родната куќа да поразговараме малку за раните на Македонија, а по разговорот ќе скокне назад преку Штип и Велес во Скопје, а оттука право на Водно, до претседателската палата. Само до неа. Ќе ги одмине Владата и оној од Муртино, за да не си ги извалка чевлите од калта и помијата таму. Ќе влезе како дух низ клучалка во претседателскиот кабинет на вчудовидениот претседател и ќе го праша кој му дал за право да го прогласи за етнички Бугарин, покажувајќи му ги прострелните рани за Македонија што не зараснале сè уште ни во смртта, а којзнае дали и ќе зараснат воопшто или тие ќе бидат македонски печат и на вечноста. И нема да чека одговор, туку ќе се врати кај „Свети Спас“ и пак ќе легне во смртта што не е смрт, туку жив фениксов оган за Македонците. Ќе се покрие со гранитната плоча на вечноста и нема да склопи око под неа сè додека не се роди едно ново поколение на Македонци што ќе им го обели образот на предците и прапредците.
Така со Гоце. А да беше потоа, не помал од него, сега жив и пиринскиот цар Јане Сандански, вистински архетип за херој, макар и нарамен со Пирин Планина врз плешки, станат од смртта, ќе влезеше и тој со тие што бараа Правда и Вистина за Македонија во Собранието тој несреќен 27 април. Ќе влезеше наврапито и со малихерката како молња штотуку излезена од облак и полна со оган. Оти таков е неговиот карактер, ако некој не знае. Ќе влезеше и ќе воведеше ред во нередот, за да се знае која земја е тоа и чија химна треба да се пее во неа. Ќе воведеше ред и немаше за ситниот метеж да имаат изговор ситнодушните уривачи на суверенитетот на неговата татковина, кои ги судеа невините за тероризам, а всушност тие се терористи, и тоа во име на државата без вистинска државност. Беден протекторат управуван од подлеци и слуги на туѓи интереси само. И немаше да страда и да добие цели четири години суров затвор оној родољубец што ја повлече малку за коса НАТО-дамата со ладнотрајна фризура, а на која и по тоа не ѝ недостигаше ни едно влакно. Па, и онаа мала драска на челото на премиерот над десната веѓа, покриена со тенко фластерче, за што беше судена за тероризам, боже мој, целата таа група што им го наруши мирот на тие суштества на еден навистина суров политтероризам што го разби на парампарчиња темето на македонскиот идентитет.
Тоа. А пред да се повлече, како и Гоце, Јане во смртта-легенда и златен печат на македонската меморија, ќе намине по Собранието уште и во судницата на фамозната како dans macabr од капричата на Гоја и графиките на Дирер Вилма Рускоска. Во судницата во која е веќе како сведок, архисведок, присутен и Јустинијан од Таор, или Управда, како што беше уште познат, оти беше правичен и ја разбираше правдата како Конфуциј кај Кинезите. Таков, тој ги зацврсти и темелите на славното римско право, кое на тој начин (дали го знаат нашите универзитетски професори тоа) има и македонски печат. Иако тоа го премолчува Европа. Сеедно. Важно ние знаеме. И ќе седне во судницата покрај Јустинијан (Управда) Јане. И двајцата ќе поседат, ќе помолчат шокирани од восхит кон судијката homo duplex, која секоја минута, а можеби и секунда, ту се појавува со своето, ту со лицето на фирерот од Муртино, кој ги држи перфектно сите конци во своите раце. Ќе поседат, ќе помолчат, а потоа ќе излезат надвор и ќе се врати секој на своето место во вечноста, од која подизлегоа за да видат што чудо се случува на земјата за која живееја и умреа за неа тие.
Така. А по нив пак продолжува утопијата, драг читателу, со тоа: да беше, да беа. Со хипотезите што се за нас и рана и лек истовремено, иако не знаеме дали воопшто ќе се повлече некогаш раната, оти веќе не девет, туку илјадници постели искина македонскиот Болен Дојчин и не знаеме уште колку ќе искине, додека, како што вели неговото алтер его Блаже Конески, не му закрепне раката за меч и не стане за одлучна битка со предавниците, и најпрвин со тие од неговиот род. Така.
А сега ние сме на онаа утопистичка хипотеза, драг читателу, во чие средиште е апостол Павле. Значи: да беше жив апостолот што дојде по божја заповед со Македонецот подмишка од Троада во Македонија, што ќе се случеше? Какви чекори ќе преземеше сега тој во неа, во која беше при првата негова стапка на нејзина почва, како што запиша Лука во „Дела апостолски“, нападнат со зло, болест и несреќи од сите страни? А денес, кога се јавува за да ѝ помогне на божествената Македонија, тој, тоа зло и несреќа се трипати повеќе зголемени и нејзината рана, како онаа на Христос на Голгота, се римува само со бескрајот, поголема дури и од него. Првото што ќе го направеше апостол Павле, ќе отидеше во Храмот, по примерот на Исус во Ерусалим, и ќе ги исфрлеше од него трговците облечени во свештенички мантии и накитени со злато. Пред тоа ќе ги прашаше оние од Синодот (повлекувајќи го настрана Агатангел) дали знаат нешто за семето што го сеел тој на македонската и европската христијанска нива и дали чуле воопшто за неговата христолика сестра Лидија Македонката, со која тој ја крена првата христијанска црква, Невестата Христова, во Македонија и паганска (за жал и до денес) Европа. А откако тие, велеучени како фарисеите и садукеите во Ерусалим, ќе одговорат дека знаат, дополнително ќе ги праша што ја бараат тогаш по Белград сега мајка им во Софија, зарем не си ја знаат генезата, та тргуваат со Невестата Христова и ја проституираат неа.
И тоа е бескрајно болно прашање, ама не за трговците во храмот наш, драг читателу, туку како самопрашање, како јанѕа и несоница за апостолот. Да. И потоа ќе се повлече тој под клепките на Бога, разочаран од племето за кое во своите посланија до Филипјаните и богоугодно, „од почетокот родено за спасение на светот“. Без разлика што виде дека таа богоугодна светлина сè уште тлее во душата на неодродените во љубовта и Господ Македонци денес.
Така. А сега, гледам, ти ме прашуваш, драг читателу, зошто нема хронолошки ред на нештата и зошто скокаме од епоха во епоха, без ред, напред и назад во времето. Одговарам. Затоа што сите наши историски изохипси се сретнуваат и сечат во ист пресек на мартирството и судбината, укинувајќи го хронолошкиот распоред на времето. Точка е тоа во која сè е збрано на исто место и во исто време. Во една секунда само, ако сакаш, која собира столетија и милениуми во себе. А таа секунда, да ти биде појасно, е епицентарот на нашата меморија. По малку слична на онаа на Иго, кој рече: „Во смртта сите се современици“, па во Неа ги вглоби на исто место и во исто време Шекспир и Сократ, како ние со тебе сега Александар и Гоце, или Климент и Рацин. Да. Оти сега сме токму на хипотезата што се отвора како светкавица во нашата свест: да беше жив Рацин. Се отвора, а веќе го гледаме него како ги подига тешките гранитни клепки во смртта и како се буди, никогаш заспан од грижите за татковината, станува од гробот и слегува низ падините на Лопушник, со ризик уште еден подол предавнички куршум да го пресретне, и се упатува право кон Преспа за да го види какво е тоа ново европско губилиште поставено за неговиот род. Слегува тој, а секој негов чекор е едно цело столетие, оти е мерка на мартирскиот простор на неговото племе, кое може да се измери само со аршинот на раната отворена, никогаш зацелена. Со ништо друго. Слегува поетот низ темните честаци на планината кај го издемна смртта, ама со чудна визија: како да ја носи во дланка својата пресечена глава, од чие грло излетуваат цели славејски јата за да ги опеат венчалните јунски ружи во градините на Македонија. Ама веднаш сфаќа дека тоа нема да биде химна, туку тажаленка, оти и нив во Преспа сега ликвидаторите на неговото племе ги одвеле во мртовечница и на закоп, наместо на свадба. И сети пак во визија Рацин дека пресечената глава што ја носи во дланките е всушност главата на Името гилотинирано од гилотината на цивилизацијата во Преспа. Ама сепак, иако задоцнето, брза кон неа да го види и стави како Ленка во песна и страшниот преспански настан. Брза со чекори долги цели столетија и нè навраќа во Друштвото на писателите, иако планираше да одржи краток говор таму за кукавичлакот писателски за време на ликвидацијата на Името. Да ги праша писателите зошто седеа со скрстени раце како ништо да не се случува додека се подготвуваше и изведуваше чинот на страшното злосторство. Зарем им се толку многу скапоцени животите кога се ликвидира животот на целиот народ, убивајќи го неговото Име, ништејќи ја целокупната негова меморија, со забрана за пристап кон неа, и разграбувајќи го варварски целокупниот негов културно-цивилизациски имот?
И дојде во Преспа поетот на Револуцијата за ослободување на Европа од фашизмот, ама тука виде дека таа не е доослободена од него и разочаран се врати назад, без да се поздрави со писателите што ги укори за кукавичината рамнодушност кон преспанското злосторство. И легна во несоница пак во смртта со перото, ама и со пушката под главата, оти знаеше конечно дека не е победен европскиот фашизам против кој се бореше тој, а кој сега обновен го испробува својот елан витал над неговото племе, како и толку многу пати пред тоа.
(продолжува)
 
ЗА НАСПорталот novamakedonija.com.mk е јасна и силна потврда дека остануваме на линијата што ја постави првиот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“, во далечната 1944 година - да бидеме секогаш со нашите читатели. Вашите сугестии, коментари и реакции ќе ни послужат да го развиваме порталот за да допреме до сите што сакаат да прочитаат точна, навремена и проверена информација.
СЛЕДЕТЕ НÈ

Related Keywords

Macedonia ,Jerusalem ,Israel General ,Israel ,Lisbon ,Lisboa ,Portugal ,India ,Skopje ,Macedonia General ,China ,Colombia ,Belgrade ,Serbia General , ,Brussels ,Bruxelles Capitale ,Belgium ,Greece ,Macedonian ,Macedonians ,Chinese ,Clementi Racin ,I Apostle Paul ,Malesheviai Pirin ,Alexanderi Goce ,King Jane Sandanski ,Centere Apostle Paul ,Assembly It ,Christian Church ,New Macedonia ,Alexander Macedonian ,United Europe ,Holy Spirit ,Off Save ,Pirin Mountain ,God Mine ,Though Iti Europe ,Does Not Matter ,Macedonian Ill ,Blaze Koneski ,Apostle Paul ,Cases Apostolic ,European Christian ,Bride Christ ,God Macedonians ,மாசிடோனியா ,ஏருசலேம் ,இஸ்ரேல் ,லிஸ்பன் ,லிஸ்போவா ,போர்சுகல் ,இந்தியா ,ஸ்கோப்ஜே ,சீனா ,கொலம்பியா ,பெல்கிரேட் ,பிரஸ்ஸல்ஸ் ,ப்ரூக்ஸெல்ஸ் தலைநகரம் ,பெல்ஜியம் ,கிரீஸ் ,மஸெடோநியந் ,சீன ,சட்டசபை அது ,கிறிஸ்துவர் தேவாலயம் ,புதியது மாசிடோனியா ,ஒன்றுபட்டது யூரோப் ,பரிசுத்த ஆவி ,பிரின் மலை ,செய்யும் இல்லை விஷயம் ,அப்போஸ்தலன் பால் ,ஐரோப்பிய கிறிஸ்துவர் ,

© 2024 Vimarsana

vimarsana.com © 2020. All Rights Reserved.